Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Грција меѓу „принцот“ и левичарот

Icv/Bigstock.com

Грција меѓу „принцот“ и левичарот

Во Грција има предвремени парламентарни избори, кои ги свика актуелниот премиер Алексис Ципрас откако неговата, владеачка  партија Сириза доживеа уверлив пораз  на мајските избори за пратеници за европскиот Парламент. Редовните избори за нов состав на Парламентот во Атина, требаше да се одржат на есен, годинава.

Битката се води меѓу Ципрас и неговата левичарска партија и Киријакос Мицотакис, лидер на Нова Демократија и вистински „принц“ од познатата грчка политичка династија Мицотакис. Неговиот татко, Константин беше премиер во деведестите години на 20 век. Неговата сестра, Дора Бакојани беше градоначалник на Атина за време на Олимпијадата во 2004 година, а потоа министер за надворешни работи во владата на Костас Караманлис. Претходно, таа има работено како шеф на кабинетот на таткото премиер, а беше и кандидат за партиски лидер. Нејзиниот син, од првиот брак, Костас Бакојанис, внук од сестрата на Киријакос, минатиот месец беше избран за градоначалник на грчкиот главен град.

Ова се шести по ред избори од избувнувањето на глобалната финансиска и банкарска криза, во есента 2008 година, која инаку тешко ги погоди повеќето од земјите од југот на Европа, како и Ирска, но во најтешка ситуација, следните осум години, до 2016 година, се најде Грција.

Операција за спасување

Земјата технички банкротираше, затоа што самата повеќе не можеше да ги менаџира своите финансиски обврски, па беше потребна итна интервенција од ЕУ и нејзината централна банка, од еврозоната и од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

Во три кредитни аранжмани, Грција доби 289 милијарди евра и успеа да се спаси од целосен крах, но за тоа мораше и се уште е должна да спроведува остри мерки за штедење на целата јавна потрошувачка, како и реформи на економскиот и финансискиот сектор, во даночниот, пензискиот и платен систем. Владата во Атина, за парите што ги добиваше на три пати, мораше да одржува строга контрола на даночната дисциплина- пријавување и плаќање данок- и да  спроведе остра борба со сивата економија, низ издавањето фискални сметки.

Ситуацијата во која тие години се најде Грција, можеби ја предизвика кризата која ја зафати безмалку целата светска економија, но причините за состојбите во земјата и за нејзиното банкротство, се директна последица од лошата работа на владата на Нова Демократија, како и на претходните влади од оваа десноцентристичата партија и на левоцентристичкиот ПАСОК, кои во настојувањето да ги задоволуваат апетитите на гласачите, за да тие може удобно да управуваат со земјата,  толерираа корупција,  расипништво на целото општество, кое беше задоволувано со евтини кредити, со нереално високи плати и со рано заминување во пензија, правејќи го товарот врз буџетот уште потежок.

Ципрас станува премиер

Кризата доведе до забрзано осиромашување на луѓето, со намалување на платите во целиот јавен сектор и на пензиите, а сето тоа предизвика зголемување на бројот на невработеноста, која кај младите достигна до 50 отсто. Големото  незадоволство на граѓаните, предизвикано и од масовните лични банкротирања на Грци кои како и државата неконтролирано се задолжувале, па кога избувна кризата, а тие останаа без работа , или со значително помали приходи, се најдоа во ситуација да не можат да ги покриваат сите свои трошоци, создаде и големи политички тензии.

Падна владата на Нова Демократија и на изборите, набрзана свикани, во јануари 2015 година, уверливо победи левичарската партија Сириза, на до тогаш во европската јавност малку познатиот лидер Алексис Ципрас. Тој стана премиер врз основата на острата осуда на дотогашниот политички естаблишмент, меѓу другото заснован и врз владеењето на трите најголеми грчки политички династии- на семејството Мицотакис, семејството Караманлис и семејството Папандреу. Ниту Ципрас, а ниту било кој од неговата партија и министрите, имаа такво политичко педигре.

Но, Ципрас вети и дека ќе се откаже од понатамошно земање финансиски пакети со кредити за одржување во живот на државата. Дури за тоа организираше и референдум , на кој мнозинството грчки гласачи се согласија Грција да им откаже „ љубов“ на финансисиската тројка кредитори- пред се- за да престане политиката на стегање на ременот.

Државата пред партијата

Меѓутоа, не го исполни ветувањето, ниту пак го спроведе она за што се изјаснија луѓето на анти-остерити референдумот. Тој беше организиран, меѓудругото и врз основите на левичарската идеологија на Сириза, која веќе револуционизираната маса Грци, посебно, младите без работа, ја подржуваа. Својата одлука,  и покрај ветувањето и референдумот, сепак,  да прифати  и трет пакет со финансиска помош ( кредити), што значеше продолжување на тврдата политика за штедење во потрошувачката, Ципрас подоцна  ја објаснуваше со државните интереси.

„ Кога требаше да се определувам меѓу партијата која ја предводам и идеологијата што ја застапувам, како премиер се определив за државата, затоа што ја видов длабочината на кризата и на ситуацијата во која се наоѓа земјата“- изјави тогаш Ципрас, верувајќи дека неговиот гест ќе се прифати како патриотски чин. Гласачите, меѓутоа, а посебно младите и оние од левиот блок кои силно беа зад него, на тоа не гледаа како на патриотизам и државништво, туку како на изневерување на нивната надеж за олеснување на животот. Тоа “ предавство“ не му го заборавија до денес, па затоа му свртеа грб и го казнија на европските и на локалните избори, а пред сегашниве парламентарни избори на 7 јули, Ципрас и Сириза се соочуваат со пораз.

Не помогна тоа што во 2018 година, Грција излезе од долгата криза. Ниту тоа што земјата и нејзините финансиски институции самите ги менаџираат работите, државата е одново на светските берзи, а кредиторите и ја имаат вратено довербата. На Ципрас не му помага ни тоа што оваа пролет го врати назад нивото на пензиите што, инаку,  им беа скратувани на Грците.

Напротив, на европските избори, дури 30 отсто од младите гласачи (  меѓу 18 и 34 години) кои пред четири години го подржуваа Ципрас, сега гласале за Нова Демократија, односно за партијата која е најголемиот виновник за банкротството и за хаосот на земјата и за маките низ кои минуваа и се уште минуваат голем број Грци, затоа што кредиторите и натаму ја надгледуваат Грција. Објаснувањето што го имаат дадено некои од овие луѓе е дека Сириза не го исполни она што го вети, инсистирајќи дека Ципрас не требало да го земе третиот кредитен пакет.

Политичка иронија

Тие , како и многу други веруваат дека ако тогаш на меѓународната „ тројка“ финансиери им била затворена вратата, на Грција ќе и било подобро, иако никој не знае како и зошто, ниту дали тоа би требало да значи излез од еврозоната, напуштање на еврото и враќање кон некогашната грчка драхма. Многу  експерти, меѓу кои и грчки, меѓутоа,  инсистираат дека дури тогаш Грција дефинитивно ќе пропаднала во амбисот.

Како и да е, предизборните прогнози, предвидуваат десноцентристите од партијата на Киријакос Мицотакис да победат, а  тој да стане новиот грчки премиер. А, сето  тоа звучи како една длабока иронија на грчката политика, по се она што се случуваше.

Токму 51 годишниот Мицотакис, како министер за админстрацијата во последната влада на Нова Демократија, во текот на 2014 година, доследно спроведувајќи ги барањата на меѓународните финансиери и спасувачи на Грција, има извршено масовно отпуштање на вработени во јавниот сектор и  кратење на нивните плати и на пензиите, за да се намали јавната потрошувачка. Сега, тој „ пее друга песна“ и уверува дека тоа нема да се повтори. Ветува дека ќе ги натерал кредиторите да прифатат нови преговори, што би требало да и ја олесни положбата на  грчката економија, да ги потикне инвеститорите и да ја зголеми вработеноста.

Тоа во кампањата го ветуваше и Алексис Ципрас, особено кога станува збор за новите преговори со кредиторите кои инаку ќе вршат мониторинг врз грчката економија и врз грчките финансии до 2022 година. Но, грчките гласачи, според добро познатиот балкански табиет,  сега се подготвени самите да си “пукаат во сопственото колено“ , само за да го казнат актуелниот премиер што не го послуша нивното определување, на референдумот, во зимата во 2015 година. Не им е важно што спас очекуваат од оние кои им ги урнисаа државата и животите.

(Г.Д.)

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе