Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Во Вестминстер потешко отколку во Брисел

tanaonte/Bigstock.com

Во Вестминстер потешко отколку во Брисел

По 17 месеци преговори, не ретко на работ и да бидат прекинати, ЕУ и Британија, конечно, се договорија околу британското напуштање на Унијата. На вонреден Самит на ЕУ, политичките лидери на преостанатите 27 земји членки и британскиот премиер Тереза Меј , едногласно, го подржаа договореното и ги потпишаа договорот за Брегзит и политичката декларација за идните европско-британски односи. Но, работите околу „историскиот развод“ на Брисел и Лондон се уште не се комплетирани, затоа што за да биде и „запечатен“ потребно е договорот да биде прифатен и од британскиот Парламент во Вестминстер. Тоа во овој момент е далеку потешката работа, од онаа што беше завршена во седиштето на ЕУ во Брисел.

Меј се чини се соочува со невозможна мисија да ги поврзе сите конци , прво во нејзината Конзервативна партија. Партиската десница и тврдите „брегзитери“  коваат планови за заговор, таа да биде сменета од лидерската (што значи и од  премиерската) позиција, но да не се испровоцираат и предвремени избори, од кои се плашат како ѓаволот од крстот. Тие се против постигнатиот договор со ЕУ, но не нудат никаква замена или алтернативно решение, продолжувајќи да се храбрат себе си дека Брегзит без договор со Брисел, не е воопшто страшна опција и дека така (можеби) е најдобро. Нивниот главен аргумент е дека  “така одлучија гласачите на референдумот од пред 2,5 години“ , барајќи излегување од ЕУ и целосен прекин на односите со Брисел, додворувајќи им се англиската десница и на тврдите евроскпетици, со патриотски пароли во стилот дека Британија е голема и  “не смее да дозволи, некој да ја уценува и да и наметнува барања“. На ваквата партиска десница се противат конзервативците кои беа за останување на земјата во Унијата, како и тие кои се согласуваа за Брегзит, како определба, но сега се остро против излегување од ЕУ- „ на слепо“ и без никаков договор. Тие ја подржуваат Меј и се согласуваат со постигнатиот договор, иако врз нив друштвото на острите „брегзитери“ врши постојан притисок да ја променат страната. Колку што се знае, првите се околу 80 конзервативци- пратеници, додека другите , барем засега, се во мнозинство за кое никој не сака да прогнозира дали така и ќе остане.

Политикански игри

Другиот проблем за премиерот Тереза Меј е опозицијата, која ја предводат лабуристите на левичарот Џереми Корбин, како и ослабнатата Либерал-демократска партија, шкотските националисти (СНП) и северноирската Демократско унионистичка партија (ДУП) . Сите тие го осудуваат договорот на владата со ЕУ, најавувајќи дека ќе гласаат против неговата ратификација, но секој од нив за тоа има своја причина. Лабуристите и Корбин тоа го прават од политикански причини, за да ја соборат владата и да ја преземат власта. Корбин чија дволична улога во текот на кампањата за референдумот, придонесе за победа на кампот за исклучување од ЕУ, продолжува во тој стил. Тој не подржува втор референдум, иако сегашните анкети покажуваат дека мнозинството Британци би гласале за останување во Унијата, го отфрла дилот на Меј во Брисел, но зборува дека тој би направил подобар договор, плашејќи ги гласачите дека би била „вистинска катастрофа за земјата” доколку излезе без да се договори со Унијата.

Другите опозициски политички играчи се однесуваат во овие рамки, но за Меј загрижувачки е што против договорот е и ДУП. Лидерот на оваа конзервативна партија од Северна Ирска, Арлин Фостер е многу гласна критикувајќи ја Меј дека направила договор кој е „спротивен на волјата на гласачите на референдумот“ затоа што, наводно, не ги прекинува врските на Британија со ЕУ, што ја прави сојузник на најтврдите брегзитери и на најострите критичари на актуелниот премиер. Нејзиното спротивставување на позициите на Меј има дури и поголема тежина, во споредба со ,  на пример, целата опозиција, зашто само со подршката на десетемина пратенци на ДУП во британскиот Парламент , владата се одржува на власт .

Ирската граница – најтврд орев

Она што го зборува Фостер, сепак, делува само како барање сојузништво со другата страна, или просто пазарење со премиерот, за некакви нови владини концесии за ДУП, што би требало да и помогне на оваа партија да остане и понатаму главниот политички играч во Северна Ирска. Но, во оваа покраина, на референдумот од 2016 година, убедливо најмногу гласови освоија приврзениците за останување на Британија во ЕУ, затоа што гласачите стравуваа за ситуацијата на ирскиот остров која би можела да се создаде со Брегзит, да ги врати работите од пред договорот за мир на Велики петок во 1998 година, поради што  во преговорите меѓу Лондон и Брисел за ирската граница беше потрошено и најмногу време. Не е точно ниту тврдењето на Фостер ( како и на сите тврди брегзитери) дека гласачите на референдумот барале „ категорично раскин на сите врски со ЕУ“ . Такво нешто не се ниту бараше за изјаснување, а не може ниту да се заклучи од гласањето. Излегоа  на гласање само 51 отсто од запишаните гласачи, од кои 52 отсто беа за Брегзит, а 48 отсто беа против. Сега се знае дека  „разводот“  со Унијата го изгласаа само Англичаните, најголем број од нив – тврди конзервативци и евроскептици, потоа пензионерите и постарите луге, како гласачите од руралните средини, додека огромен број од младите кои гласаа , беа против Брегзит. Практично, за иднината на сегашната млада британска генерација- Англичани, Ирци, Шкотланѓани и Велшани одлучија старите, нивните родители или нивните баби и дедовци.

Во една ваква ситуација на длабока поделба во политиката, во државата , но и во британското општество, Меј сега настојува сите да ги увери дека договорот е „најдоброто нешто што Лондон можел да го постигне“ во долгите преговори, но и дека го овозможува она за што се изјаснило мнозинството, колку и да е тоа мало. Договорот со Брисел и овозможува на Британија да може да склучува договори за слободна трговија со секоја земја во светот, со која сака, па затоа Даунинг стрит 10 , ги отфрли како неточни забелешката на американскиот претседател Доналд Трамп кој јавно го дисквалификува дилот, тврдејќи дека од него полза ке има само ЕУ. Според премиерот Меј, таквото тврдење не е на место, зашто Британија  токму со САД веќе ги започнато прелиминарните разговори за таков договор и дека според двете страни- разговорите добро напредуваат. А за разуверување на скептиците и оние кои и подлегнуваат на кампањата против договорот,  британскиот премиер тргнува на турнеја низ Британија, прво, посетувајќи ја Северна Ирска .

„Привремена опција“

Патриотски настроените ториевци, како и дуповците во Белфаст , ја обвинуваат  Меј дека и „ ја продала “ покраината на ЕУ и , практично, извршила „распарчување на територијата на Обединетото кралство“. Станува збор за клаузулата за т.н. „привремена опција“  од договорот, која се однесува на границата меѓу Република Ирска и Северна Ирска ( Обединетото Кралство) на ирскиот остров, која сега станува единствената копнена граница на Британија со ЕУ. Проблемот е што ниту една страна, не сака таа да биде цврста, како некогаш, но и да не биде порозна,  за шверц на луге и стока, па во трагањето по најмалку лошото решение се најде солуција која се означува како- времена. Според неа, границата нема да биде цврста, а во некои случаи, како со  прехранбените производи, ќе биде отворена, како и досега, како  да станува збор за територија на ЕУ, што инаку нема да се однесува и за другите делови на Британија. Северна Ирска ,на тој начин, ќе остане да се третира како дел од ЕУ, но тоа ќе трае така , само доколку не се постигне договор, или тој не биде прифатен. Ако, пак, договорот помине при гласањето на 11 декември и во Вестминстер, тогаш оваа „ привремената опција“-  нема ниту да се активира.

Како и да е, Британија излегува од ЕУ на 29 март 2019 година. Со договорот , околу кој се кршат копја во британската политичка јавност, или без него, за што бизнисот и економски и финансиски експерти предупредуваат дека ќе ја одведе државата во сосема непознат правец. Затоа, деловниот свет во Британија и посебно лондонски Сити, се  на страната на Тереза Меј и го подржуваат Брегзит само со договор и со прецизно уредени одредби. Со договорот, е определено  Британија  да и плати на ЕУ 39 милијарди фунти ( 43 милијарди евра) затоа што го раскинува дилот за членството,   а се уредени и статусот на Британците во земјите на ЕУ и на Европејците на британската територија. Договорен е и период на транзиција, за прилагодување на двете страни на новата ситуација, што ќе трае до постигнувањето договор за слободна трговија, но најдоцна до 31 декември 2020 година.

Нема втор референдум

Никој , меѓутоа, не знае што ќе се случи доколку за две недели, Парламентот во Лондон не го ратификува договорот. Најверојатно, тогаш ке има Брегзит без договор. Британски експерти проценуваат  дека во тој случај , евентуално, би можело да се продолжи „крајниот рок“  за Брегзит и по крајот 29 март, идната година, но за тоа ќе треба согласност од сите членки на ЕУ. Во игра е и можноста за нов референдум за прифакање на Брегзит, за што сега , како опција се спротивставува Тереза Меј. Таа и натаму е уверена дека договорот со ЕУ, на крајот, сепак ќе добие подршка во Вестминстер.

Како охрабрување за неа е најновата анкета на проториевскиот весник „Дејли Меил“ според која 52 отсто од Британците се согласува дека договорот не е идеален, но дека е најдобрата понуда за Британија. Само 19 отсто не мислат така. Тоа значи дека јавноста сака договорот да успее, за да  целиот процес околу напуштањето на Унијата, конечно,  заврши. Никој во таа атмосфера во земјата, многу налик на балканска, со поделби и лажна, патриотска патетика за моќта на Велика Британија да „плови сама“ , како во времето на кралицата Викторија, никој не ја слушна пораката од Самитот на ЕУ во Брисел- дека не може да има нови преговори и да се прави нов договор за Брегзит. Овој што е направен, договорен и прифатен од Унијата , на Британците им се нуди во стилот- земете, или оставете, што пак не значи затворање врата за Британија- како сојузник и иден трговски партнер.

(И.Т.)

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе