Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Украина во вонредна состојба

ruslanphoto2/Bigstock.com

Украина во вонредна состојба

Украинскиот Парламент, со големо мнозинство гласови, прифати воведување вонредна состојба во земјата, за период од 30 денови, откако во неделата Русија зароби три помали воени бродови на Украина и 23 членови на нивните посади. Вонредната состојба почнува на 28 ноември.

Вонредната состојба, сепак, не значи и воена состојба и според образложението, дадено од претседателот Петро Порошенко кој побара од Парламентот да одобри вакви вонредни мерки, Украина нема да спроведува никакви воени дејствија, туку само засилени мерки за одбрана на својата територија. „Тоа секако не значи дека Украина и после ова, се откажува од мирното разрешување на украинската  криза“ – рекол Порошенко, порачувајќи дека владата во Киев ќе ги исполни своите обврски со договорот од Минск и сите други меѓународни спогодби и договори. Вонредните мерки , според него, имаат за цел земјата и нејзините воени сили да бидат подготвени за евентуалниот поширок руски напад врз украинската територија.

Со мерките од вонредната состојба, ќе се изврши делумна мобилизација во земјата, ќе се зајакне против-воздушната одбрана и ќе се засилат анти-терористичките мерки, а ќе бидат забранети сите демонстрации и манифестации и ќе бидат регулирани медиумите.

Инцидентот во неделата се случил во непосредна близина на полуостровот Крим, анектиран од Русија во март 2014 година, кога врз двата мали воени бродови и еден брод-влекач на украинската морнарица, руската крајбрежна стража отворила оган при што се ранети шестмина Украинци. Бродовите се движеле од пристаништето Одеса, до Мариупол, на брегот од Азовското Море. Но, руската страна тврди дека „ бродовите биле заробени затоа што ја пресекле границата со Русија“ па дека затоа,  во интервенцијата на крајбрежната стража, било пукано по украинските бродови. Според тврдењето на Москва, Украинците не ги исполниле барањата на бродовите за следење и во текот на пловењето во тој дел од морето „извршиле опасни маневри“ . Сите заробени морнари се обвинети за „ повреда на руската граница“.

Во Киев тврдат дека нападот е смислено изведен и дека тие ја известиле руската страна за движењето на трите бродови, обвинувајќи ја Москва дека прави проблеми при движењето кон Азовското Море и пристаништето Мариупол, последниот поголем град во источна Украина, под контрола на владата во Киев, за да го освои и овој град а целото море да го претвори во „руско“ море.

Од Русија ги отфрлаат ваквите обвинувања и тврдат дека Киев е запознаен со процедурата за тоа како треба да минуваат воени бродови околу Крим и низ Керчкиот морски премиен, што Москва сега ги третира како „ руска државна територија“.

Ова е прв директен судир на руската и на украинската морнарица, од започнувањето на кризата и конфликтот во Источна Украина, кога руската армија, прво изврши анексија на украинскиот полуостров Крим и на брзина спроведе „ референдум“ каде со безмалку 100 отсто подршка,  гласачите прифатија територијата да се приклучи кон Русија, а потоа предизвикаа воени судирања во „руските“ области Луганск и Донецк, помагајќи ги бунтовниците со оружје, материјални средства и логистика и со „доброволци“ кои војуваат за отцепување и на овие две области од Украина. Во досегашните судирања на истокот од Украина,  нејзината армија војуваше со бунтовниците, но досега немаше директен воен контакт на украинската и руската војска.

ЕУ и НАТО застана зад украинската влада изразувајќи силна подршка на територијалниот и поморскиот интегритет на Украина. Советот за безбедност на ОН се состана да расправа, но го отфрли предлогот на Русија за дневниот ред, според кој Киев требаше да биде обвинет за инцидентот.

Во основата , меѓутоа,  на сите им е сосема јасен коренот на инцидентот . Москва го смета Крим за дефинитивно руска државна територија , а тоа значи и водите околу полуостровот и така се однесува, за да светот тоа го прифати како „ завршена работа“. За Киев , пак , полуостровот и се околу него и натаму се украински и повремено сакаат да ја потсетат Москва дека ништо не е завршено. Но, за двете завадени страни, како и за меѓународната заедница, инцидентот кај Керчкиот морски канал , чиј епилог можеше да биде и потежок,  преставува  само потсетување дека украинската криза не е завршена, ниту решена, а дека последиците од тоа се чувствуваат и подалеку од тој дел на Европа.

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе