Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Операција „регионална фаланга“ на популисти

jgroup/Bigstock.com

Операција „регионална фаланга“ на популисти

Поранешниот српски претседател Борис Тадиќ остро регираше на однесувањето на српските власти и посебно на тамошниот актуелен претседател, Александар Вучиќ, околу илегалното бегство на поранешниот македонски премиер и осуденик, Никола Груевски, во Унгарија, преку територијата на Србија.

Осуден на две години затвор за корупција, Груевски требаше да почне да ја отслужува казната, откако таа стана правосилна по серијата правни лекови кои ги употребија и тој и неговите адвокати, а што македонските судови, на сите ниво ги толерираа, зашто тоа го дозволуваат законите. Но наместо во затворската ќелија, осуденикот, по совет на своите надворешни помагачи и помогнат од унгарските дипломати, прво илегално (пеш) ја поминал македонско-албанската граница, а потоа, од таму, со возило на амбасадата на Унгарија во Тирана бил префрлен до границата на Црна Гора, каде чекале други двајца унгарски дипломати и ново дипломатско возило, кои го прфрлиле во Србија. За тамошното патување на бегалецот нема никакви сознанија, освен дека со автомобил бил донесен до граничниот премин Хоргош, кај Суботица, по што Груевски влегол во Унгарија.

Низ трите балкански држави се повикувал на македонската лична карта, затоа што двата пасоши- приватниот и дипломатскиот – му се одземени, како мерка за заштита од бегство во странство, но според Вучиќ, српско-унгарската граница ја минал со „пасаван“ или патен лист, кој е за еднократна употреба и кој се издава од дипломатските преставништва на земјата од каде е „патникот“ за лица кои немаат пасош, или го загубиле додека престојувале во странство.

Одговорот го имаат Унгарците

Груевски нема таков стaтус. Тој е осуденик-бегалец и избега во земја, која уште во Скопје му има ветено дека ќе му обезбеди азил, односно ќе го спаси да не лежи во веќе определената затворска ќелија. Но, зашто осуденикот, со Унгарците бегал од околу, преку три држави, кога пеш и илегално, можел да ја премине и македонско- српската граница, како што тоа го прават, илегалните мигранти од Блискиот Исток, префрлајќи се од Македонија кон Србија, водени од овдешните шверцери на луге, или како што се префрлаат од српската страна, назад на македонската, додека српските полицајци се прават дека тоа не го гледаат. Одговорот, секако, го имаат Унгарците, како и нарачателот на целото бегство кој (засега) стои во сенка и кој ја води играта. Неговата цел не е спасувањето на осудениот поранешен политичар, туку остварување на стратегијата на нарачателот за Балканот и посебно за Македонија, откако нејзиниот екс премиер ја загуби позицијата и функцијата и згора на се, беше обвинет за пет разни кривични дела.

Во Белград се разбрануваа духовите околу бегството на Груевски, преку нивната државна територија, со извесна задршка. За разлика од признанијата од албанска и црногорска страна, од Србија немаше никаква реакција, па во дел од тамошната јавност, се појавија цинични забелешки за тоа дали Црна Гора се граничи со Унгарија, или дали тоа Груевски со оние кои му помагаа и го заштитуваа, ја прелетале српската територија. Оние кои на случајот му даваа посериозно значење, ставајќи во рамките на српската политика кон своите соседи и вкупното однесување на актуелната власт, секако, знаеја дека одбегнатиот македонски екс премиер, најдолго ( и најбезбедно) патувал токму низ Србија. Молкот на Вучиќ, за кого велат дека обично секојднево се јавува во јавноста, со по некоја изјава, овојпат молчеше, како што сметаат во Белград, поради „ шлаканицата“ добиена по неочекуваната средба на Хашим Тачи со рускиот претседател во Париз. Белградските медиуми знаеја дека бегалецот од Македонија мирно поминал низ српската територија, затоа што тој и српскиот претседател беа мошне блиски, а националистичката партија што ја предводеше Груевски и Српската напредна странка (СНС) на Вучиќ, имаа мошне блиски односи и идентични погледи, кога станува збор за национализмот, популизмот, десничарењето и одредувањето кој треба да биде вистинскиот пријател- и на едниот и на другиот.

Но, медиумите за кои се вели дека не се блиски на српската власт, прашуваат и како беше можно, полициите и безбедносните власти на три балкански држави ( формално се нарекуваат пријателски кон Македонија ) да не се заинтересираат за „ патникот“ во унгарско дипломатско возило, кој се вози со унгарски дипломати, иако не е Унгарец, а се идентификува само со личната карта од неговата матична држава и минува низ овие три земји набрзина, колку за да се стигне до граничните премини. Тоа е типично патување на бегалец, а за тоа, дури и да било „легално“ од формална гледна точка, граничните власти морале да ги известат своите централи, а овие Скопје, затоа што секако знаеле кој е патникот кој бега, ако ништо друго поради публицитетот што го имаше неговото долго судење и целата претстава што тој и неговата партија ја правеа, држејќи ја Македонија како заробена држава. Не може за таквото однесување, да се оправдуваат дека во тој момент- немало меѓународна потерница.

Несоодветна постапка

За поранешниот српски претседател Борис Тадиќ сето ова претставува несоодветна постапка, па задржувајќи се на однесувањето на српската страна, рекол дека „ случајот со бегството на Груевски укажува на постоењето на регионална фаланага на популисти, за префрлање на осудени криминалци“.

Во изјава во Белград, Тадиќ рекол дека „ не верува во објаснувањето на Вучиќ“ . По шест денови молк тој се огласи со изјава за една забавна српска тв станица, тврдејќи дека не знаел за бегството, дека немало потерница на Интерпол од Скопје, а дека Србија како цивилизирана држава не може апси без тоа. „Па не сме ние некое диво племе за да го задржиме Груевски, па да потоа бидеме обвинети дека сме го киднапирале“- рекол актуелниот српски претседател. Борис Тадиќ, меѓутоа, инсистира дека Вучиќ „ морал да знае дека неговиот поранешен македонски колега бега од македонските власти низ Србија, забележувајќи дека ако навистина не знаел, тогаш не си ја знае работата, а во тој случај Србија е загрозена држава“.

Во Белград, затоа, се верува дека станува збор за едно добро испланирано и организирано префрлање на бегалецот за кого и Вучиќ, како и Еди Рама, Мило Ѓукановиќ и Виктор Орбан, знаеле дека само неколку часови подоцна, веќе следниот ден, тој треба да се смести во затворот во Скопје и да почне да ја издржува казната. Се потсетува на големото пријтелство што и јавно го имаат манифестирано Груевски и Орбан, потоа на бегалецот од Скопје со Вучиќ, како и тој со унгарскиот премиер. Орбан, уште додека Груевски беше на власт, му има ветувано силна подршка- „во секоја прилика, кога таа ќе му треба“. Неговиот шеф на дипломатијата Петер Сијарто одеше по митинзи во Македонија за да агитира за националистичката партија на осудениот премиер. Српскиот ( тогаш) премиер Вучиќ, ја почна својата претседателска кампања од Врање (!?) со порака до српските гласачи, но и до Скопје, дека тој ( во Србија) „ нема да дозволи странски амбасадори да му определуваат влада“, притоа не споменувајќи дали тоа се однесува и за рускиот амбасадор во Белград. Самиот Вучиќ, пак, во време на посетата на Орбан на Србија, не го сокриваше своето воодушевување од унгарскиот премиер- јавно порачувајќи дека „има многу што треба да се научи од Орбан и од Унгарија“. За возврат, унгарскиот премиер, минувајќи низ Војводина, им сугерираше на тамошните Унгарци да гласаат за Вучиќ и за неговата партија.

Унгарската страна, која во случајот со Груевски ја има одиграно највалканата улога, продолжува и натаму да се прави недоветна. Од Будимпешта не брзаат и сега, како и при илегалното влегување на одбегнатиот осуденик во Унгарија, да кажат дека по брза постапка, надвор од нормалната процедура, на својот ВИП гостин му доделиле азил, како што веќе Груевски самиот се пофалил на интернет. Јавно се прекорени од ЕУ, а еврокомесарот Јоханес Хан има побарано објаснување од унгарската влада. Но, министерот Сијарто продолжува да зборува дека Унгарија „ништо нелегално нема направено со Груевски“, како да организирање бегство на осуден криминалец, па макар бил и екс премиер, е хумано и правно гледано, регуларно дело.

Опозицијата против азилантот 

Тамошната политичка јавност не мисли така. Во Унгарија, која во годините на Орбан како нејзин неприкосновен лидер, демократијата не ретко се трга настрана, отстапувајќи од стандардите на ЕУ, нема политички бранувања, но овој пат тамошната опозиција гласно се спротивстави на „самоволието на Орбан“ . Начинот на кој Унгарците и нејзините дипломати ја изведоа операцијата на извлекување и префрлање на бегалецот од Скопје, е налик на сите такви операции кои се изведуваат за бегство на мафијаши, недостојно за една европска држава, членка на ЕУ и на НАТО, па е нормално што таму има бранување. Унгарците ја создадоа кризата и тие треба да ја расчистат, а не таа да се префрла во Македонија, како што тоа го сака нарачателот на бегството и како што тоа го прават некои негови македонски помагачи, настојувајќи овде да предизвикаат криза. Така мислат и унгарските опозициски партии, како и малкуте независни медиуми кои не се под контрола на Орбан и неговата партија Фидес. Унгарските опозиционери го обвинуваат Орбан дека застанал на страната на криминалец и ја обвинуваат владата дека ги прекршила и унгарските и меѓународните прописи, со примањето на Груевски и со целата постапка за давање азил. Партијата Дијалог најави барање правна можност за да не се дозволи Груевски да остане во Унгарија, додека партијата Јобик, бара специјална седница на унгарската комисија за безбедност, обвинувајќи дека Агенцијата за миграција го излажала унгарскиот Парламент, во врска со случајот со бегалецот од Македонија.

Останува сега да се види што ќе прават Унгарците со човекот што го префрлија на своја територија, за да не оди во затвор. Ако го задржат како свој, би можело да работи како сметководител во банка, како што има работено пред да го внесат во македонската политика. Втората варијанта е да го пуштат да си замине, но каде би можел да се сокрие еден екс премиер, осуден за корупција и, посебно, врз која основа би можел да се смести на друга локација. Во тој меѓупериод, како „Унгарец“, му останува од таму да праќа пораки преку интернет, за да се дискредитираат македонската влада и судскиот систем што самиот го има создадено и, секако, да ја извршува задачата од нарачателот, откако тоа не му успеа од Македонија.

(С.С.Г)

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе