Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Шпанија бара Гибралтар да се исклучи од Брегзит

Angelina Panayotova/Bigstock.com

Шпанија бара Гибралтар да се исклучи од Брегзит

Шпанската влада се закани дека би можела и да не гласа за нацрт-договорот на ЕУ со Британија околу Брегзит, доколку „јасно не се каже како ќе се водат разговорите околу идниот статус на Гибралтар“ . Министерот за надворешни работи Јосеп Борел им порачал на своте колеги во Унијата, дека прашањата и разговорите околу „територијата“ мора да бидат целосно издвоени од целината на договорот.

„Без оваа работа да биде прецизно појаснета, нема да има ниту шпанска согласност за договорот на Брисел и Лондон“ – рекол Борел.

Во текот на долгите разговори, Шпанија и Кипар, како и Република Ирска, инсистираа со Британија да се водат посебни и сосема издвоени преговори , околу спорните прашања што овие земји- членки на ЕУ ги имаат со Британците. За Даблин тоа е прашањето за Северна Ирска (Алстер), за Кипраните, тоа се двете бази на Британија во јужниот дел ( грчкиот) на поделениот остров за кои Британците имаат екс-територијалност, а за Шпанија тоа е  Гибралтар.

За ова минијатурно парче територија на крајниот југ од Пиринејскиот Полуостров, што сега има статус на британска прекуморска територија, со определена самоуправа, Лондон и Мадрид се во спор 305 години.

Во 1713 година, со договорот од Утрехт меѓу Шпанија и Британија, овој дел од пиринејското копно, на самиот влез од каналот Гибралтар, е определено да им се остави на Британците. Мадрид многу брзо потоа се има предомислено и од тогаш бара да и се врати оваа територија над која доминира висока карпа, но има големо стратешко значење. Британија, пак, тврди дека за статусот постои валиден меѓудржавен договор, што згора на се е  постигнат и со согласност на тогашниот шпански крал.

За приговорите на владата во Мадрид, реагираше и првиот министер на Гибралтар, Фабијан Пикардо  кој во посебно соопштение има речено дека изјавите, како таа на шпанскиот министер Борел, не придонесуваат за создавање простор за доверба. Во изминатите години, британско – шпанските односи беа прилично заладени со постојаните инциденти во морето околу Гибралтар. Локалните власти, со согласност на Лондон, изградија посебен  насип од камени блокови, околу влезот во пристаништето, за да се спречат шпанските рибари, да навлегуваат во гибралтарските (британските) територијални води, но тоа не го почитуваа Шпанците кои насила влегуваа да рибараат . Својата постапка ја оправдуваат со тврдењето дека Гибралтар е „шпанска територија“. На неколкупати , поради таквите инциденти кои знаат да бидат и насилни, морнариците на двете земји се најдоа во ситуации на опасни „блиски средби“.

Во членот 184 од нацрт-договорот за Брегзит се вели дека Британија и ЕУ ќе продолжат да преговараат засилено за нивните идни односи, во периодот меѓу 29 март 2019 година, кога Британците и формално ќе ја напуштат Унијата и декември 2020 година, кога е предвидено да заврши времето на транзицијата. Но Мадрид инсистира на своето право , во иднина, да разговара за статусот на Гибралтар, на билатерална основа со Британија и дека територијата никако не може да се најде во целината на договорот, ниту со него да се навестува таквото британско право.

Владата во Лондон, засега, само има дадено само едно кусо објаснување, дека договорот со ЕУ се однесува за „целината на британското семејство“ оставајќи секому сам да определи што би можело под тоа да се подразбере, но оставајќи простор и за верувањето дека во „семејството“ не се само деловите од Обединетото Кралство, туку и неговите прекуморски територии.

Големо мнозинство од Гибралтарците, на неколку изјаснувања последниве педесетина година, секогаш се определува за останување на оваа територија под контрола на Британија. На референдумот за Брегзит, во јуни 2016 година, околу 90 отсто од жителите на територијата се определија за останување  на Британија во ЕУ. Повеќе илјади шпански работници од крајниот југ на земјата, што важи за помалку развиен, работат на територијата на Гибралтар, која сега, за нив ќе се претвори во странство.

(Д.Л.)

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе