Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Војната што ја измени историјата

Војната што ја измени историјата

На 11-ти ноември 2018 се навршија 100 години од крајот на Првата светска војна, а главните земји учеснички тоа го одбележуваат со оддавање почит на милионите загинати и ранети. Но историчарите до ден  денес дебатираат околу вистинскте причини за отпочнување на војната која направи пустош на почетокот од 20-от век, однесе 17 милиони животи, 23 милиони луѓе, војници и цивили, беа ранети, и која понатаму ќе се смета за фактор за уште неколку трагедии и потреси во светот. Меѓудругото, историчарите посочуваат на истребувањето на Ерменците, на епидемијата на “шпански грип” од кој починаа меѓу 50 и 100 милиони луѓе на глобално ниво, на растурањето на четири империи од кои ќе се појават нови независни држави,  прекројувањето граници и појаватана нови политички идеологии. Сепак во колективната меморија Првата светска војна ќе остане запаметна по до тогаш невиденото ниво на уништување и загуба на човечки животи.

Историските книги набројуваат повеќе причини за војната. Од територијални спорови, верска и етничка нетрпеливост, пораст на национализмот, до крајно изразената трка за наоружување за која, било само прашање на време, кога ќе ескалира во воен судир.

Како повод за почетокот на воените дејства бил искористен атентатот врз престолонаследникот на тогашниот Австро-унгарски трон, Франц Фердинанд, извршен од младиот босански Србин, Гаврило Принцип, на 28 јуни 1914 во Сараево.

Австро-Унгарија го искористила нападот за да и врачи на Србија ултиматум составен во 10 точки, за кои однапред било јасно дека Белград нема да ги прифати во целост. На 28 јули 1914 , Австро-Унгарија и објавува војна на Србија, а веќе наредниот ден почнало бомбардирањето на Белград.

Во наредните неколку дена двата главни воени блока, “Централните сили” (Германија, Австро-Унгарија, Бугарија и Отоманската империја) и Антантата (Русија, Франција, Велика Британија, Србија, подоцна и Италија и САД) со меѓусебно објавување војна во почнуваат првиот модерен глобален конфликт во кој ќе се вклучат 32 земји со преку 70 милиони војници.

По брзиот продор на германската војска низ Белгија, и покрај договорот за неутралност на земјата, чиј гарант меѓу другите била и Германија, трупите лесно поминале низ Луксембург и голем дел од Франција, запирајќи кај реката Марна, соочени со комбинираната француско-британска војска. Таму, двете страни се вкопуваат во непрегледната рововска линија, долга дури 70 километри, од брегот на Северното море до швајцарската граница.

Со тоа почнува статичниот стил на војување, рововската војна, кој е главната карактеристика на Големата војна. Линијата на фронтот, на места, со години не се сменила, а воените дејства биле дополнети со артилериски напади кои траеле со денови, претворајќи ги живописните предели, каде што се судирале завојуваните страни, во места кои повеќе личеле на површината на Месечината, полни со кратери.

Причината за ваквиот начин на војување била главно застарената доктрина наспроти модерното оружје, чиј целосен капацитет тогашните воени стратези се уште не умееле да го искористат.

Неможејќи да ја пробијат противничката линија, воените команданти биле принудени да изнајдат нови тактики, но и нови технички средства. Огромни пари биле вложени во воената индустрија, што резултирало со осовременување на средствата за војување. За прв пат во борбите биле вклучени воени авиони, тенкови, тешка артилерија, боеви отрови, пламенофрлачи, масовна употреба на подморници и други изуми за уништување.

Најтешките борби со најмногу жртви се случиле на Западниот фронт кој се протегал на територијата на Франција и Белгија. Источниот фронт каде што војувале Германија и Австро-Унгарија против Русија, се наоѓал на територијата на централна и источна Европа. Италијанскиот фронт се смета за најкарактеристичен бидејќи скоро сите воени дејствија се одвивале на високи и стрмни врвови на Алпите. На Балканскот фронт, местото на искрата што ја разгоре војната, битките ќе траат до самиот крај, а Македонскиот фронт кој се одвивал долж албанскиот брег но и во поширок радиус, се протегал се до Орфанскиот залив во Грција. Битките на Блиско-источниот фронт резултираа со крај на Отоманското владеење во регионот и формирањето на нови самостојни држави. Борбите на овој фронт главно се воделе меѓу војските на империите,  Отоманската и Британската, помагани од локалните арапски племиња, обединети и водени од британскиот офицер Т.Е. Лоренс или нашироко познатиот Лоренс од Арабија. Војната што се водела на море ќе ја забележи една од најголемите поморски битки во историјата на човештвото – битката кај Јутланд.

По иницијалните продори и маневри на големите армии во првата година од војната, наредните години, до самиот крај, ќе бележат главно статични рововската битки, со повеќедневни артилериски баражи и масовни фронтално напади со огромни човечки жртви. Битките кај Вреден и реката Сома ќе бидат запаметени како симбол на страдањето и надчовечките напори да преживее.

Првата светска војна ќе ја поттикне и Октомвриската револуција, што ќе почне со капитулација на Русија, а ќе заврши со крвава граѓанска војна и нова политичка идеолошка реалност. Намерното потопување на патничкиот брод „Луситанија“ ја внесе и Америка на страната на Антантата во 1917 година и ќе одигра клучна улога во крајниот исход на војната.

По неколкуте успешни офанзиви на силите на Антантата на Балканот, во 1918 година, прва што капитулира била Бугарија, за подоцна да следи капитулацијата на Отоманската имеприја, со поразот на блиско-источната кампања. Следеше капитулацијата на Австро-унгарската империја, по серијата порази на Италијанскиот фронт, а Германија е последната земја од Ценралните сили што потпишува капитулација на 11-ти ноември 1918 година, во вагон од воз. Во истиот вагон подоцна Франција ќе ја потпише својата капитулација пред нацискичка Германија во 1940 година.

Ефектите од Првата светска војна ќе бидат далекусежни и глобални. Четири европски империи ќе се распаднат, како директен резултат на конфликтот, од пепелта на големите империи ќе никнат нови држави – Австрија, Чехословачка, Кралството СХС, Естонија, Литванија, Летонија, Полска, Финска, Сирија, Ирак, Либан, Јордан и Палестина.

Од боиштата на Франција ќе се рашири епидемијата на „шпански грип“ од кој ќе починат до 100 милиони луѓе. За прв пат  ќе се спомне и термонот “shell shock” или пост-трауматски синдром, за тоа време современ третман на ранетите лица. Медицината ќе почне да практикува „пластична хирургија“ поради огромниот број војници со рани на главата предизвикани од куршуми и парчиња од гранати. Во Првата светска војна за прв пат ќе се употребат воени средства што ќе доминираат на воените полиња во 20-от век – воени авиони, тенкови, подморници, носачи на авиони, минофрлачи, автоматски пушки и боеви отрови.

Мировниот договор потпишан во Версај во 1919 година и наметна на Германија огромни воени репарации, и дозеде територија и и ја ограничи големината на германската армија на минимум, што предизвика тешки економски последици и голема фрустрација кај германскиот народ.

Но драконските мерки од Верскајскиот договор, наместо да бидат придонес за „Големата војна да биде крајот на сите војни во светот“, постигнале обратен ефект – ширење на германскиот национализам, антисемитизам, милитаризам и огномна желба за освета. Желбата за одмазда имала особено големо влијание врз еден австриски каплар кој служел во германските баварски единици, а се викал Адолф Хитлер.
(Г.Г)

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе