Поврзете се со нас

Skopje Global

Брифинг/Weekly

Кашоги убиен при сослушување?

BigStock/lira_joggi

Кашоги убиен при сослушување?

Саудискиот новинар и публицист, Џамал Кашоги, за кој не се знае ништо од 2 октомври, најверојатно е убиен во зградата на конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул, од агенти специјално дојдени од Ријад за да го испитуваат, пишуваат турските медиуми, повикувајќи се на домашни полициски извори. Ваквиот заклучок се повеќе го прифаќа и меѓународната јавност, па постојано расте притисокот врз  Саудиска Арабија да открие што навистина се случило. Кашоги влегол во конзулатот за да земе документи потребни за неговата скорешна венчавка, со турска државјанка, но дека таму бил пречекан од агентите кои почнале да го испрашуваат. Медиумите веруваат дека агентите требало да го префрлат од Истанбул во Ријад, но тие сепак, уште во конзулатот почнале со испрашувањето, кога  „ работите тргнале на лошо“ па Саудиецот починал. Турската полиција тврди дека Кашоги влегол во конзулатот, но од таму не излегол. Саудиска Арабија, пак, целосно ја отфрла ваквата верзија за исчезнувањето на новинарот, инсистирајќи дека тој бил во конзулатот, но дека си заминал од таму. Во соопштението на официјален Ријад се тврди дека сите обвинувања дека власта стои зад исчезнувањето на новинарот, се „бесмислени лаги“. Во меѓувреме, Вашингтон и администрацијата на претседателот Доналд Трамп , под притисок на јавноста и медиумите во САД, побараа од саудиските власти официјално објаснување за судбината на Кашоги, па во Ријад го испратија државниот секретар Мајк Помпео кој се сретна со саудискиот крал Салман. Некои американски медиуми сега пишуваат дека Ријад во разговорот инсистирал дека таму не знаат што се случило со новинарот и дека и самите сакаат да дознаат, која од сите овие верзии е точна.

Според Си-Ен-Ен, многу е веројатно дека целата операција врзана за новинарот била изведена без одобрување од властите во Ријад. Така или не, Кашоги во саудиската јавност е познат по своите остри критики за сметка на крунскиот принц, Мохамед бин Салман, а тоа сега поттикнува многу сомнежи дека целта на операцијата била да се замолчи новинарот. По безмалку две недели, Саудијците и дозволија на турската полиција и на форензичарите да влезат и детално да го претресат конзулатот. Цели осум часови се задржале турските полицајци во конзулатот, но не се знае дали саудиските власти дозволиле да се направат и тестови за откривање крв во просторите на конзулатот, што би било клучно за да се дојде до одговор- дали новинарот бил убиен и дали тоа се случило во зградата на дипломатското преставништво . Последните информации од истрагата навестуваат дека форензичарите дошле до „некакви траги“ кои укажуваат на можноста дека несреќниот саудиски новинар бил убиен во текот на испитувањето. Јавноста во Саудиска Арабија не верува дека има било каква вина кај властите, прифаќајќи ја верзијата на тамошните контролорани медиуми дека целата работа околу Кашоги е „дело на Катар и на Турција, за да и се напакости на Саудиска Арабија“, оцрнувајќи ја пред меѓународната јавност. Но неутралните посматрачи не веруваат многу во оваа верзија и изразуваат сомнежи дека крунскиот принц Салман, прикажуван како модернист и реформатор „овој пат претерал“. Него го товарат за низа избрзани и непотребни потези и мерки кои и штетат на државата, меѓу кои и  непотребното вовлекување на Саудиска Арабија во бесцелната војна во Јемен, за која се верува дека не може да се добие, како и штетниот судир со соседен Катар. Принцот за кого се тврди дека практично,  управува со кралството, во името на неговиот остарен татко, на своја рака влегол во спор и со Канада, околу човековите права, од кој не може никако да излезе како победник,  затоа што токму тој има наредено да се затвораат и испрашуваат луѓе кои мирно протестирале. Џамал Кашоги многу често пишувал критички за ваквото „реформаторство“ на крунскиот принц. Тој работел и како соработник за „Вашингтон Пост“ и бил и американски државјанин.

РПЦ ги прекина сите врски со Цариград

Руската православна црква (РПЦ) ја спроведе заканата и соопшти дека ги прекинува сите свои врски со Вселенската патријаршија во Цариград (Истанбул) , во знак на несогасување со одлуката на Синодот на Патријаршијата, да се признае независноста на Украинската православна црква (УПЦ). Москва остро се спротивставува на ваквото решение уште додека се навестуваше само како можност, инсистирајќи дека тоа е „ спротивно на историската вистина“ . За РПЦ, Украинската црква, тамошните верници и Киев се дел од руското православие , па само руската црква може да управува со православното христијанство. Цариград претходно го отфрлаше барањето на Киев, за независност на тамошната црква од Русија, особено по распадот на поранешниот Советски Сојуз и прогласувањето на независна Украина, но сега го промени својот став, на големо задоволство на Украинците. Претседателот Петро Порошенко независноста на УПЦ ја квалификува како „прашање на украинската државна безбедност“ . Официјална Москва, меѓутоа, застана во одбрана на РПЦ и ја осуди одлуката на Вселенската патријаршија како „штетна и опасна за православието„. Од Кремљ уште беше испратена и порака до Цариград со уверување дека ќе биде „променета еднаш донесената одлука, а дека ако тоа не се случи, тогаш ќе настане шизма, или раскол“. Русија многу одамна води битка со Цариград, државата и РПЦ да бидат предводници на православните христијани, а не како што е тоа одамна канонски определено, водството да го има Вселенската патријаршија. Станува збор за 300 милиони православни верници кои за официјална Москва се можност, Русија со помош на црквата, да ја има контролата врз нив и да може да прави политички сојузи, наспроти Западот, олицетворен преку ЕУ, за кој  се тврди дека не е нивниот „природен дом„ и местото каде тие според религијата ( често и низ словенството)  припаѓаат. Кремљ ги отфрла ваквите толкувања на неговата (не)природна блискост со РПЦ околу државната стратегија, но во Украина, пред се, меѓу неруското население, се посилно се отфрла патронатството на РПЦ врз новното верување и православие. По анексијата на Крим и руската интервенција во Источна Украина, во пролета 2014 година,  забрзано расте бројот на православното население кое се определува кон УПЦ. Верниците веруваат дека руската црква е  само орудие на Кремљ на украинска територија, особено што РПЦ ги подржува украинските бунтовници.

Иринеј : Црна Гора е српска „Спарта“

Српскиот патријарх Иринеј изјавил дека не може да се прифати независност на Црногорската православна црква, затоа што „Црна Гора е историски гледано,  класична српска земја и дека за Србија тоа е наша Спарта“. Иринеј беше во посета на Црна Гора и тамошните епархии кои се врзани за Српската православна црква (СПЦ) . Изјавата на српскиот патријарх доаѓа по одлуката на Синодот на Вселенската патријаршија да ја признае независноста на Украинската православна црква. Веднаш по најавите од Царигард, Москва и Белград остро се спротивставија , инсистирајќи дека таквото решение ќе покрене и други цркви, да побараат независност, споменувајќи ги Црногорската и Македонската, а дека сето тоа би довело до „раскол во православното христијанство во светот“. Во изјава за белградските медиуми, Иринеј рекол дека СПЦ не го одобрува ваквиот потег на Цариград. Тој се осврнал и на најновите разговори околу решавањето на косовското прашање. Според патријархот на СПЦ, црквата не сака „замрзнат конфликт“ но и дека не се согласува со „признавање и прифаќање на завршена работа“ која според него е резултат на „неправда, агресија, насилство и злосторство“ мислејќи на прогласувањето на Косово, за независна држава. „Србија не може да даде нешто што е нејзино со векови“- им рекол Иринеј на новинарите. СПЦ е позната по своите националистички ставови  и по одбивањето да ја прифати новата реалност на Балканот. За српската црква останува старото уверување дека православното христијанство на просторот на некогашна Југославија е во надлежност на СПЦ, неприфаќајки ја можноста новите држави на тој простор да имаат свои цркви и тие да бидат автокефални. Официјална Подгорица продолжува да работи на осамостојувањето на тамошната црква, објаснувајќи дека за почеток треба да се изврши денационализација на религијата, односно да се напушти старата, великодржавна теза дека религијата и православието треба да се врзува за националната припадност. Мнозинството Црногорци верува дека ваквата позиција на СПЦ, во основа, претставува негација на нивниот идентитет и посебност. Во текот на летото Иринеј изјави дека СПЦ е незадоволна од положбата на Србите во Црна Гора, тврдејќи дека црногорските Срби од властите во Подгорица се третираат „ како во усташката НДХ во Хрватска, во време на Втората светска војна“. Црногорските медиуми јавуваат дека посетата на Иринеј на Цетиње поминала мирно, но дека полицијата ги запрела припадниците на „Ноќни волци“ една милитантна, националистичка група  моторџии кои го придружувале српскиот патријарх.

Еквадор го опоменува  Џулијан Асанж

Лондонските медиуми откриваат дека основачот на Викиликс, австралискиот хакер Џулијан Асанж кои повеќе од шест години се крие во зградата на Амбасадата на Еквадор во Лондон, живеејќи во самоизбран домашен притвор, бил „сериозно опоменат“ да внимава на хигиената во просториите каде престојува, а посебно да се грижи за хигиената во бањата, каде ја чува својата мачка. За оваа информација, прва од ваков вид, кога станува збор за Асанж, медиумите се повикуваат на „дошепнување“ од вработен во еквадорската амбасада. Веста го покажува хаосот и бесмислената ситуација во која тој се смести и живее , но медимите настојуваат да утврдат за што всушност, станува збор и што ваквата вест, би требало да значи. Асанж (47) во јуни 2012 година, побегна од станот што лондонскиот суд му го определи додека траеше неговата жалбена битка , со кауцијата, што за него ја платија тогашните негови пријатели и подржувачи. Се насели во еквадорската амбасада, а тогашниот претседател на Еквадор, му додели политички азил. Но бегалецот не може да го користи, затоа што доколку излезе од зградата каде се крие, ќе биде уапсен и екстрадиран во Шведска, каде е осомничен за силување. Британските власти тврдат дека со бегставото, Асанж ги прекршил и британските закони, затоа што побегнал од местото што му било определено да престојува и затоа што ја злоупотребил кауцијата, за да побегне. Тој побегна, кога британскиот Врховен суд ја потврди пресудата , да им биде предаден на Швеѓаните. Новата влада во Еквадор, иако идеолошки иста како и претходната, навести дека сака да го разреши случајот Асанж, признавајќи дека тој претставува дипломатски товар за земјата. Ова не е прв пат Асанж да биде предупредуван за своето однесување, па годинава, Кито му го укина интернетот и го остави целосно изолиран. Медиумите во Лондон, навестуваа дека „зад сцената“ траат преговори со Кито, околу изнаоѓање решение за Асанж, но засега нема навестување дека е можно да се најде заеднички прифатлива солуција. Асанж во 2010 година,  на Викиликс објави илјадници тајни и доверливи документи на Пентагон и на Стејт департментот. САД тогаш побараа тој да биде уапсен и суден, но официјално немаат побарано екстрадиција за него. Шведска отвори судска постапка против него, откако две Швеѓанки од филијалата на Викиликс, во Стокхолм го обвинија дека ги силувал, во станот на едната од нив. Тамошните власти го бараат за да го сослушаат, а тој тврди дека тоа е „изговор за да им биде префрлен на Американците“.

 

 

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе