Поврзете се со нас

Skopje Global

Брифинг/Weekly

Дневен Брифинг: Недела 30 септември 2018

Фото: stoyanh/BigStock.com

Дневен Брифинг: Недела 30 септември 2018

Скопје:

Во Македонија се одржува референдум за влез на земјата во ЕУ и НАТО и за договорот за името со Грција, преку кој единствено може да се остварат евро-атланските амбиции на државата. Последните анкети, пред гласањето покажуваа дека 83 отсто од гласачите се за членството во ЕУ, 77 отсто за НАТО, а дека за додавката “Северна” во името земјата, што е определено со договорот од Преспа се изјасниле 55 отсто од испитаниците. Проевропски ориентираната влада и нивните подржувачи сметаат дека Македонија има историска шанса за влез на голема врата во Европа, додека националистичката опозиција се спротивставува на договорот. Нејзините лидери тврдат дека со договорот се губи идентитетот на Македонците, иако со “Преспа” токму тоа е загарантирано. Во македонската јавност, се уште не се прави разлика меѓу националноста и државјанството, а тоа може да ги збуни гласачите, иако тоа беше темелно објаснувано.

Берлин:

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган престојуваше три денови во посета на Германија. Двете страни настојуваа посетата да се искористи за подобрување на инаку влошените германско-турски односи. Посетата заврши со посетата на Ердоган на Келн, каде присуствуваше на отворањето на нова џамија во овој гермнски град, една од најголемите во Европа. „Џамијата е симбол на мирот„ – рекол турскиот претседател при отворањето. Тој и се заблагодарил на германската влада на нејзината истрајност да се заврши изградбата и покрај спротивставувањата во делови од јавноста. Келн има бројна турска етничка заедница. Во целата Германија постои турска дијаспора од преку три милиони Турци.

Бразилија:

Најголемата бразилска нафтена компанија „Петробрас“ ја прифати казната од околу 860 милиони долари, што треба да им се исплати на САД и на Бразил, за повеќе годишната корупциска афера што ја потресуваше компанијата, но и оваа јужноамериканска држава. Со прифаќањето на казната, завршува истрагата за корупцијата. Од парите од казната, 80 отсто ќе завршат во бразилската државна каса. Американските власти се согласиле претходно да не поднесуваат своја тужба, со барање за отштета, за учеството на „Петробрас“ на берзите во САД. Вкупно две милијарди долари се „свртени„ во оваа голема корупциска афера, од кои една милијарда била употребена за поткупување на бразилски политичари и на локалните партии. Некои од политичарите веќе се наоѓаат  во затвор, на отслужување на казните. Компанијата „Петробрас“ ќе мора да плати и околу една милијарда долари за давањето лажни финансиски извештаи со кои била оштетена државната каса.

Лондон:

Во британската владечка Конзервативна партија се води „вистинска војна“ меѓу премиерот Тереза Меј и поранешниот министер за надворешни работи Борис Џонсон, околу премиерската функција- пишува „Сандеј Тајмс„. Војната која подолго време „тлее“ и (не)успешно се прикриваше, сега е отворена и на редовната, есенска партиска конференција на ториевците, таа може да избувне со сета жестокост. Џонсон кој порано беше силно определен европеец (татко му е поранешен еврокомесар во Брисел) сега е претводник на тврдата група на „брегзитери“ која бара бескомпромисност во преговорите со Брисел и заговара излез од Унијата и без договор. Тој јавно и замери на Меј дека нема контрола врз преговарачкиот процес, порачувајќи дека тој и неговите многу подобро би го извеле процесот на Брегзит. Премиерот Меј, пак, која се покажа многу поцврста отколку што се веруваше, бара подршка за себе, предупредувајќи дека во спротивно ќе се поткопа интегритетот на Британија. Според неа, оние кои ја критикуваат тоа го прават од „чисто политикантски причини“.

(С.С.Г.)

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе