Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Надежи и стравување околу Косово

Надежи и стравување околу Косово

Промовирана во летните месеци, а популаризирана во текот на август, кога политичка Европа, главно, е на одмор, идејата за разрешување на косовската ситуација, преку разграничување со менување на границата, ја остави меѓународната заедница  неопределена и недоверлива кон едно ново исцртување гранични линии на Балканот. На овие простори, од Берлинскиот конгрес во втората половина на 19 век, па до пред крајот на дваесетиот век, границите се менувале со војни, или по крвави воени судирања, па идејата лансирана од Белград, а неотфрлена од Приштина, ако и нуди некаква надеж, дека Србите и косовските Албанци, би можеле да постигнат компромис, повеќе остави простор за стравување. Можеби не толку од можноста таквото решение да предизвика воен конфликт, колку од потенцијалниот „домино ефектот„ што може да го предизвика разграничувањето околу Косово, па уште и врз етничка основа.

Според претседателот на Србија Александар Вучиќ, (поинаков) договор со Албанците “не може да се постигне, а шансите се 95 отсто да не дојде до компромис”. Вучиќ затоа јавно им порача на своите домашни политички противници дека ако не сакаат разграничување, тогаш треба да одат во Врање и да им го речат тоа на тамошните Срби, за неколку децении. Ваквата порака, практично, е признание на Белград за албанизацијата на југот на Србија. Трите општини- Медвеѓа, Бујановац и Прешево кои се граничат со косовската територија, веќе се со доминантно албанско население, а дека и соседно Врање е на пат да им се приклучи. Затоа српскиот претседател го нуди разграничувањето како единствената работа за која Србите и (косовските) Албанци би можеле да постигнат компромис и уште вели дека само со него би “можело да се спречи создавањето на  голема Албанија”.

Српскиот претседател Александар Вучиќ. Фото: Golden Brown/BigStock.com

Од Приштина, каде за ваквото решение зборува само косовскиот преседател Хашим Тачи се порачува дека нема да се прифати поделба на Косово, или размена на територии, но дека е неприфатливо и одржувањето на сегашниот “статус-кво”. Тој ја смирува косовската јавност дека во Приштина “никој не треба да се противи на договор со Србија”, па излегува дека ова е еден од ретките примери досега, двете страни да не се спротивстават околу една идеја, уште промовирана од Белград, без разлика што во натамошната елаборација, барем во овој момент, не гледаат со исти очи.

Косовскиот Претседател Хашим Тачи. Фото: NorthfotoBP/BigStock.com

Прва реагираше Германија, а нејзиниот канцелар Ангела Меркел  ја отфрли можноста да се менува границата. “Изгледа дека тоа (на Балканците) би требало постојано да им се повторува” – има речено Меркел.

Во сличен тон, е и реакцијата на  Карл Билд, кој смета дека креирањето нови граници, значи дека одново (во регионот) ќе се создаваат етнички чисти територии. Против идејата се Хрватска и Босна и Херцеговина, стравувајќи од можноста еднаш употребената формула, да се бара, или да се нуди, на друго место, или за друга ситуација, додека од официјална Тирана, нема никаква реакција. На средба со претставници на трите општини на југот од Србија, каде Албанците се мнозинство, само била повторена старата позиција, дека тамошното албанско население треба да ги има истите права, како оние на Србите на Косово.

Велика Британија и Франција се немаат изјаснето, освен низ анализата на весникот “Монд” кој во идејата за разграничување гледа “руско масло”. Овој весник смета дека преку покренувањето на идејата, Москва сака нови поделби во рамките на ЕУ и можност за проверка на формулата што би ја користела, подоцна, за свои цели. Но, Русија, барем официјално, ја нема објаснето својата позиција. Според портпаролот на руското МНР, Москва би прифатиле “се што е добро за Србија” што е поинаква формулација од доскорешното инсистирање дека решението за косовската ситуација треба да се бара врз основа на резолуцијата на ОН 1244. Промената доаѓа откако Вучиќ, во текот на летото, на еден собир, прв пат рече дека таа резолуција, на која Белград се повикуваше во сите изминати години, не била сосема добра, како и дека имало делови кои им оделе во полза на Албанците, затоа што можеле да  бараат и повеќе од она што го имаа побарано.

Официјален Белград смета дека решение преку  разграничувањето – сега може да се постигне, затоа што е изменета и меѓународната ситуација. Русија е вратена на сцената, како голема сила и е многу поблиска до Србија, отколку пред 20 години, а Американците ја имаат изменето позицијата кон косовската ситуација. Американскиот експерт Даниел Сервер не верува во таквото тврдење и не верува дека САД имаат поинаков став кон Косово, додека провладините белградски медиуми пренесуваат дека мислењето за измена на позицијата на Вашингтон се темели врз ставот на Стејт департментот во кој се зборува дека “косовската ситуација не е разрешена”. Повеќе светлина фрли советникот за национална безбедност на САД, Џорџ Болтон кој порача дека ќе се почитува договорот што ќе го постигнат Белград и Приштина, како и дека САД “не ја исклучуваат ниту можноста од територијални корекции”.

Германскиот Канцелар Ангела Меркел. Фото: palinchak/BigStock.com

Европската унија, која првично остави впечаток дека е затечена со идејата за нова косовска граница, а потоа и дека не е целосно единствена по ова прашање, откако Меркел грубо ја одби, а официјален Париз, само одмолче, излезе со заедничка позиција. Во неа декларативно само се вели дека ЕУ може да го прифати она за што ќе се договорат двете страни околу косовската ситуација, доколку договореното е во духот на европските стандарди и стандардите на Унијата. Нема реакција од било која друга земја членка, како и од претседавачот на ЕУ, Австрија, па сега останува  да се очекува првата наредна средба на претседателите Вучиќ и Тачи , за да се види дали ќе се открие  оти двете страни преговараат и за разграничување, но дека за тоа досега се молчело.

Најдалеку во подршката на таквата можност, отиде австрискиот дипломат Волфганг Петрич. Овој поранешен специјален пратеник на ЕУ за Косово и екс висок претставник на меѓународната заедница за БиХ, прв на Западот рече дека треба да се прифати и менување на границата, ако се сака трајно решение и затворање на косовската ситуација. Тој меѓутоа објасни дека не би станало збор за размена на територии, туку само за “козметичка, административна корекција” на граничната линија.

“Доколку се случи тоа, тогаш би станало збор само за мал број села во околината на Бујановац и на Косовска Митровица” – рекол Петрич кој уште смета дека работата би требало да се уреди со свечена декларација , под покровителство на ЕУ, ОН и ОБСЕ , за да “никој друг и на ниту едно друго место, нема право да бара и да се повикува на тој договор”. Притоа, Австријанецот ги има наброено БиХ, Црна Гора, Македонија, Србија, Хрватска, Албанија, па и Словенија, како државите на кои тоа се однесува.

Австрискиот Дипломат Волфганг Петрич. Фото Манфред Вернер.

Сите овие земји од Југоисточна Европа не се случајно наброени, затоа што гледано низ  подалечното и поблиското минато,  во секоја од нив би можело да се појави криза, за која некој, би можел да се повика на „косовската формула„ за разграничување како решение за кризната состојба. БиХ , секако, најмногу, поради постојаните закани од Република Српска, но и несредената граница со Србија. Црна Гора и Македонја околу бројната заедница на етнички Албанци и во двете земји. Србија поради Санџак, а потенцијално и поради определени ситуации и во Војводина. Словенија и Хрватска во врска со стариот спор околу Пиранскиот Залив, кој ниту ЕУ не успева да го разреши. Хрватска и БиХ имаат сериозни несогласувања околу излезот на босанците на море, а Црна Гора и Хрватска околу ртот Превлака. Конечно, Албанија и Грција ги немаат затворено сите недоразбирања околу нивната граница, во морскиот реон.

Сите “главни играчи” во разрешувањето  на косовската ситуација, сепак, се согласуваат дека без разлика на некои дисонантни реакции на Западот, она во што нема разлика е дека Србија, на крајот, ќе мора да ја прифати и признае независноста на Косово. До пред почетокот на летото, од Белград порачуваа дека никогаш, никој нема тоа го направи, но српскиот шеф на дипломатијата, минатиот месец призна дека “никој не ни нуди цело Косово да остане дел од Србија, па затоа работата е сега – дали можеме нешто да добиеме, или се да загубиме”.

Никој не ни нуди цело Косово да остане дел од Србија, па затоа работата е сега – дали можеме нешто да добиеме, или се да загубиме

(И.Т.)

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе