Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Папата соочен со барање за оставка!

softdelusion/BigStock.com

Папата соочен со барање за оставка!

Папата Франциско беше во посета на Република Ирска, но дводневниот престој на “Зелениот остров” прв на еден поглавар на Католичката црква, по безмалку 40 години, беше најтешката посета во која бил изминатите пет години, откако беше избран. Ирска е изразито католичка земја, во Даблин папата одржа миса на отворено пред околу половина милион верници и насекаде беше поздравен, доби највисок државнички третман, но целата посета беше под силната тензија предизвикана од скандалите со сексуалните насилства што свештеници ги вршеле во минатото, врз малолетни деца кои им биле оставени на чување и воспитување, како и од јавниот гнев поради молчењето на црквата, која повеќе се грижела за својот углед, отколку за уништените млади животи.

Франциско е мошне популарен во католичката јавност и за разлика од својот претходник, папата Бенедикт, овој јужноамерикански папа изминатите години настојуваше, колку- толку да ја прилагоди црквата на новото време, на современите барања на денешните верници кои без разлика на респектот кон строгите канони на католицизмот, сметаат дека Ватикан мора да одговори на сите предизвици на модерниот свет.

Едно од тие барања се однесува за прекинување на повеќевековната традиција да се молчи за она за што Ватикан не зборува и да се надмине праксата дека црквата е поважна од лугето, при што ќе се прикриваат и криминални однесувања, само за да не му се наштети на угледот на црквата.

Сето тоа почна откако стана јасно дека под плаштот на религијата, верувањето и почитувањето на црквата и нејзините високо достојници, под црковните сводови, а посебно во домовите, училиштата и домовите за деца без родители што се под контрола на Католичката црква, со години на ред, се случувале злосторства. Свештеници и воспитувачи вршеле насилство врз децата, со примена на тортура и масовни силувања, при што имало примери децата, најчесто момчиња , да бидат и врзувани, пред да бидат изнасилени. Барањата за тоа Ватикан да реагира на ваквите криминали, да ги посочи сите виновници и да ги казнува, или да им ги предаде на цивилните власти, за да тие луге бидат казнети за своите злодела, се засилија кога се откри дека такви случаи имало од  САД, Карибите и Јужна Америка, па се до Австралија, дека Ирска со Холандија, се локациите во Европа за кои се знае дека имало црковно насилство, а особено кога се разбра дека ништо не било тајна за црквата, која свесно ги прикривала.

Папата во Ирска збруваше во повеќе наврати со верниците- секаде отворајќи ја и оваа болна тема, што, во секој случај, е новина во однесувањето на Ватикан. Тој остро го осуди насилството, изрази длабоко жалење за извршените злосторства, јавно побара простување од жртвите и порачуваше дека сето тоа не смее повеќе никогаш да се повтори. Во Даблин , во приватна аудиенција, Франциско 90 минути разговарал со осумина жртви на насилството, сега сите возрасни луѓе. Некои, меѓутоа, сметаат дека таквите пораки, колку да се искрени, се недоволни и дека папата, сепак, требало да зборува и за казнувањето на злосторствата и за тоа како црквата ќе спречи да не се повторат.

За тоа, на свој начин, зборувале ирскиот премиер Лео Варадкар и претседателот на државата Мајкл Хигинс на средбите со папата, но најострата критика до Франциско дојде од доскорешниот надбискуп Карло Мариа Вигано (88) кој побара од папата да поднесе оставка, обвинувајќи го дека знаел за скандалот и за случувањата во црквата, во изминатите децении, но дека ништо не сторил. Вигано кој во јули годинава поднесе оставка, што папата веднаш ја прифати, откако беше осомничен за сексуално насилство врз едно 16 годишно момче, сега тврди дека го предупредил Франциско за случувањата во црквата, во 2013 година, веднаш  откако беше избран за папа. Според Вигано, молчењето на Ватикан претставува “заговор со молчење каков што постои кај мафијата”.

Јавната прозивка на еден папа за одговорност, во секој случај е преседан во историјата на Католичката црква, какви и да се мотивите на тргнатиот надбискуп Вигано, но без разлика на тоа, тешката папина посета на Ирска, одново го отвори сето она што Ватикан го премолчувал , цели 70 години. Никој веќе не се осмелува да бара и наоѓа изговори за сокривањето на криминалот и за она што доживувале несреќните деца.

Во Ирска се знае дека има девет илјади случаи на сексуално насилство, а има и случаи на деца кои биле насилно одземена од самохрани мајки , кои не биле мажени и кои децата ги добиле во вонбрачна врска. Децата „на гревот„  биле носени по домови за сираци , под закрила на црлквата, или давани на усвојување на други семејства. Црквата водела остра кампања против тоа ваквите мајки да може да имаат било каков контакт со своите деца или да може повторно да се соединат и заеднички да живеат. За Католичката црква тоа било “смртен грев” што се уште не е тргнат, па писмо потпишано од 100 илјади ирски мајки, му беше предадено на папата со барање црквата да го повлече проклетството.

Ирска е позната и по трагичното однесување на не мал број родители на децата изложени на насилство, кои не сакале да веруваат во страшните приказни за судбината на нивните деца и ја бранеле црквата , повеќе верувајќи им на ирските бискупи и надбискупи и она што тие го тврделе, сокривајќи ги  криминалните постапки на пониското свештенство. Пред десетина години, весниците во Даблин, за прв пат, за сите овие случувања ги обвинија и властите во Ирска, затоа што во педесетите и во шеесетите години на 20 век, разбрале за случаи на насилство и за силувањата во црковните установи, но не сакале да се мешаат во “работите на католичката црква” недозволувајќи  да се отворат полициски истраги и да се покренат обвинувања за виновниците.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе