Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

Сипаниците се вратија во Европа

HalfPoint/Bigstock.com

Сипаниците се вратија во Европа

Малите сипаници (морбилите) се вратија во Европа по подолго време, откако во првите шест месеци од оваа година е регистриран значителен пораст на бројот на заразените и заболени лица- соопшти Светската здравствена организација (WHO) . Во соопштението се вели дека враќањето на сипаниците  се должи на невакцинирањето, што се забележува во последната деценија, деценија и половина во определен број држави.

Според податоците на светската организација, само во првите шест месеци од 2018 година, се пријaвени над 41 илјада заболени од оваа тешка и опасна заразна болест, од која има и 37 смртни случаи, главно од последиците и компликациите што ги предизвикале сипаниците.

Алармот што го упатува WHO, e pезултат на брзото ширење на сипаниците. За  илустрација – во минатата година имало 23.927 заразени и болни, додека една година пред тоа, биле пријавени само 5273 вакви случаи, што покажува дека само во последниве две години, бројот на болните од мали сипаници се зголемил безмалку осум пати.

Здравствените експерти предупредуваат дека ситуацијата ке продолжи да се влошува и дека бројот на болните, до крајот на оваа година, може да биде значително поголем, затоа што ваквиот раст на болеста, за која се веруваше дека е исчезната, е директна последица од драстично намалениот број вакцинирани лица.

Британските здравствени власти кои досега, годинава,  имаат регистрирано 807 случаи (податокот е само за Англија) , утврдиле дека сите заболени престојувале во земји каде болеста е раширена, или биле во контакт со лица кои престојувале во „заразените„ територии, како и дека сите болни Англичани не биле вакцинирани од комбинираната вакцина MMR (англиска кратенка за морбили, заушки и рубеола) .

Малите сипаници е високо инфективна болест која брзо и лесно се шири преку капките што се исфрлаат од заразеното лице, при кашлањето и кивањето. Инкубацијата трае меѓу седум и десет денови.

Во најголем број случаи, заболените лица се опоравуваат, но лекарите  предупредуваат на цела низа компликации што може да настанат, кои може да предизвикаат и смрт. Како најчести и најопасни можни компликации се посочуваат енцефалитисот ( инфекција на мозокот) , менингитис, пнеумонија, хепатитис или силни грчеви на телото при повисока температура.

Комбинираната вакцина ММR спречува инфицирање и заболување на лицата, но експертите со жалење констатираат дека таа е дискредитирана во јавноста во некои земји, меѓу родителите , па  дури и кај некои лекари,  со погрешното и неточно поврзување на оваа вакцина со аутизмот. Тоа предизвика, не мал број луге да не веруваат во оваа комбинирна вакцина, како и во вакцинацијата на децата воопшто.

Британските медиуми кои на ова прашање му посветуваат големо внимание, иако кај нив ситуацијата не е алармантна,  цитираат изјави на низа здравствени експерти и на лекари од општа практика дека децата треба да се вакцинираат и тоа два пати- првиот пат до нивниот прв роденден, а вториот пат, пред да тргнат на училиште. Дисквалификацијата на вакцината, без секаква здрава научна и стручна основа, предизвика голем број деца да се оставени без вакцината, па затоа и најчесто заболените сега  се тинејџери, или помлади полнолетници чии родители, плашејќи се од приказната за аутизам, не дозволиле децата да им се вакцинираат.

Светската здравствена организација предупредува дека секое невакцинирано лице е податливо на заразување , без разлика во која земја живее, па одново ги повикува државите во Европа и во светот да ги засилат активностите за зголемување бројот на вакцинираните и за намалување на оние кои не примиле вакцина, не наведувајќи притоа какви методи треба да се применат.

Податоците за првите шест месеци годинава покажуваат дека најголем број заболени имало во Србија, а потоа во Украина, па во Грузија и помалку од првите три, во Романија. Станува збор за земји каде се и најголемиот број починати, но и за региони каде неточната и погрешна кампања за „опасната„ вакцина е многу силна. Некои влади во таквите средина се одлучија за користење законски мерки и казни, за родителите кои не само што не ги вакцинираат своите деца, туку и водат силна кампања против вакцинирањето.

Малите сипаници на почетокот имаат симптоми слични на оние од грип, со течење на носот и со зачестено кивање, но веднаш потоа се јавува силна треска, губење апетит и грчеви на мускулите , црвенило и  солзење на очите, а во следната фаза, се појавува прво осип во устата, што веднаш потоа се шири по главата, лицето и на крајот по целото тело.

(С.Б.)

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Здравје

Горе